Незнајно чуваше кутивче со сите наши погледи, со сите наши насмевки во него. Колекција од нашите светови, разлеани низ нас во потрага по нешто што одамна ни се слизнало од рацете, во потрага по наивна радост. Незнајно чуваше моќ да ме споиш со облаци што снежат бели насмевки наместо снегулки, да ме искачиш на оној надвиснат кревет на плафонот кој ја победил гравитацијата – заборавајќи ја.
Незнајно, секогаш незнајно, секогаш неартикулирано, секогаш неразбрано. Како натежнати елки од снег стоиме еден пред друг не можејќи да пружиме раце и да се опфатиме околу половините, не можејќи да се погледнеме со допрени глави, со допрени умови, со допрени чувства.
Световите се зад нас, кутивчињата со колекција од нашите сонови се исто така зад нас. Ние сами и празни трчаме еден кон друг со последните мисли што ни останале. Капка по капка и нив ги оставаме на патеката која нè води еден кон друг. Се чини дека јас имам повеќе мисли, трачам со нив кон тебе додека твоите во меѓувреме с еиспразнуваат и застануваш празна гледајќи ме уште попразно. Стигнувам неколку сантиметри пред тебе, последната мисла ја трошам во обид да те допрам, но попусто – таа се истрошува пред да го направам тоа. Останауваат неколку милиметри помеѓу нас.
Небитно, ние сме сосема празни, сите наши нешта се зад нас. Истрошени во обид да ја победиме далечината помеѓу нас. Допирот не би значел ништо без нив.
Незнајно чуваше молк, испразнет од сите наши посакувања, од сите наши чекори оставајќи го светот зад себе. Незнајно чував молк, испразнет од желбата да пружиме раце и да се опфатиме околу половините, потем да се погледнеме со допрени глави, со допрени умови, со допрени чувства.
Повеќето непознати нешта засекогаш остануваат непознати, нивната како и сите други приказни, секогаш завршува загледана во некое од утринските сонца кои немаат што друго да ѝ дадат освен смрт. Бесмртностите одамна се истрошија. Денес, кога и воздухот се наплаќа, повеќе од видливо е дека не постојат бесплатни приказни, ниту бесплатни раскажувачи.
Во едно обично утро некаде низ далечината на поспаните мисли на градот осамна смртта на едно пластично шише, тоа беше единствената среќа што можеа да си ја дозволат сите пластични шишиња – достојна смрт пред да бидат валкани и поттурнувани де натаму, де наваму, со години. Во тој миг осамна и сеќавањето за неговата среќа, неговата надеж и негодото полудување.
Пред неколку години шишето беше наполнето со живот во фабриката „Кватро“, неговата радост се случи кога живееше спакувано со уште пет шишиња. Тогаш ги доживеа своите најубави денови, патуваше низ градови, слушаше безброј приказни и со насмев возвраќаше на исто толку случајни насмевки. Неговата единствена љубов во животот шишето со кое беше допрено во пакетот, за неа имаше моќ целиот свет да го покрие со една огромна насмевка, но нејзе не ѝ беше потребно тоа, единствено беше доволно што се допираа. Имаше утра кога ги облеваше сонцето додека се возеа во камионот, тогаш обично водеа љубов со огромна страст.
- Имам нешто за тебе. Имам љубов. – гласно се протегнаа нејзините мисли.
- Ако помислам на среќа некогаш, тоа ќе си ти во мислите. – ѝ врати.
Тоа беа единствените денови кои вредат да се паметат целиот живот. Но нештата не би се паметеле цел живот ако нивната убавина не завршила во некој непосакуван миг. Оваа најголема среќа на пластичното шише заврши неколку минути откако беше продадено на човекот жеден за испивање туѓи животи. Тој го одвои од шишето што се допираа во пакетот и без да му даде време да си потажи околу тоа – го испи. Оттогаш оваа пластично шише живееше без живот во себе, како жив мртовец, како сон од празнина и темност.
Со години беше поттурнувано од минувачи по улиците, дождовите и ветровите му ги одземаа и последните мисли сочувани од среќните денови. Но како за чудо, тогаш се роди утро со изненадувачки топло сонце што надеж значеше. Се појавив јас! Го собрав шишето раскажувајќи му за рајот каде што одат сите шишиња, му раскажав дека сите се допрени еден со друг и формираат новогодишна елка. Не можев отпрво да забележам радост во него, но подоцна мислам дека единтвените мисли што ги имаше во себе, беа надежите дека ќе отиде во рајот каде сите се допрени поради што постои невидена еуфорија и среќа.
Но за него тоа никогаш не се случи, заборавив да го соберам со останатите шишиња, а тоа остана, само терасата каде што го чував. Неговото полудување следеше веднаш после умрената надеж. Се потчини на ветрот како на некој психоделик кој на пролет беше убав, но на есен – вистински хорор. Започна деноноќно да удира во гелендерот на терасата со што предизвикуваше неподносливи звуци, посебно за утринските тенки соништа. Лудото шише повеќе не можеше да се присети на неговиот среќен дел од животот и единствено што му преостануваше е да удира во ладниот гелендер. Можеби веќе му здосади незабележливоста која ја уживаше па овој пат реши им ги прекине соновите на сите наоколу. Можеби само неговата лудост мораше да направи нешто лудо за да може тоa да ги заборави сите скршени мисли во себе.
Сите вресоци се соединуваат во еден, опишувањата никогаш порано не биле поапстрактни. Ние се будиме, но не во посакуваната реалност. Еден по еден, ги скокаме паралелните универзуми како да тоа не се само научно фантастични поими, туку извитопорени надежи на одамна умрени скулптури. А ние колекционери на сеќавања.
- Сеќавањата не се илузија, нели? – вреснаа соновите од мене, како пробудени.
- Поубаво е да живееш за нештата, отколку од нештата. – си подготвуав утеха како невкусен сируп против настинка.
Никогаш порано не мислев дека толку многу ќе ми затребаат сеќавањата. Се трудев да заборавам нешта кои не можам да ги вратам. Можеби и ги заборавив. Можеби затоа сум толку празен после вечерново пијанство и, чувствувам испеглана бела постела врз моите можности. Како граница, како променлива гравитација на планета во момент на своето крахирање. Зеленост, со измешни афекти врз својата позадина.
Јас и ти ќе живееме над сите мориња. Ти ќе живееш само во една вечерна капка, а останатите капки од целото море ќе ги преживееме јас и моето сеќавање за тебе. Животот воопшто не е голем, тој се случува и исчезнува, тој е едноставен како неколку обични букви кои сметаат дека е штета ако од себе не создадат реченица, па макар да истата се распадне уште следното утро.
“It’d be just like heaven on a June day.”
~This boy’s life (филм)
.
Силина на исчекувањето и мракот пред незаспаното утро, се оние две нешта кои те расвестуваат да дознаеш за тоа колку си среќен. Ги сместуваш во мир сите твои скршени реалности кои ги скршила „таа“ , која и да е. Отпосле ти текнува на последната избледена слика од рајот и, тивко соопштуваш:
„Ако сите вистини се дознаваат кога умираме, тогаш сигурен сум дека кога ќе умреш ќе дознаеш дека не мораше да ме мрзиш цел живот.“
Тука или во моментот после тоа, се случува да избледе ново зимско утро. Ја чувствуваш тежината на облаците но сѐ уште не ти е јасно како токму твојата приказна мораше да биде трагично обесена врз нив. Пишуваш некакви долги реченици додека не заѕвони будилникот, а потоа само се присеќаш дека соновите те измамуваат секое утро. Ти воопшто не пишуваш. Ти воопшто не живееш. Само можеби тивко соопштуваш:
„Ако сите вистини се дознаваат кога умираме, тогаш сигурен сум дека кога ќе умрам ќе дознаам дека не мораше да те сакам цел живот.“
Како самотни души, ноќите шетаат по оние влажни улици на градот, додека сите спијат освен украсните новогодишни светилки. Постои некое чувство како да одиш низ скршен сон кога го преминуваш градот преку целата негова должина, токму во истото време кога ноќите шетаат и кога луѓето спијат.
Тогаш чувствував вистинска самотнина, одев со часови, ја изодував ноќта, зјапав во недоизградените згради околу мене, поместени трафики, празни паркинзи. Градот се изменил откако последен пат шетав низ него, а сега и празен е. Сосема празен, темен и влажен. Некаква нова година требаше да ги измени нештата. Онаа со која завршува Маискиот календар, а почнуваме ние.
Како самотни души, ноќите шетаат низ нашите скршени сонови поради кои сме будни веќе со години, додека сите спијат освен украсните новогодишни светилки.
“Cast your soul to the sea When the dark night seems endless Please remember me” ~Loreena McKennitt
.
Душите пред да се допрат воопшто не знаат за тоа дека се души. Но чувствуваат нешто за кое не се свесни, тоа е чувството дека чувствуваш нешто. Башка не е ни чувство бидејќи нели не смееш да бидеш свесен дека го чувствуваш. Веројатно е токму онаа кротка и сина енергија што се случува во поимот екстаза кој нели значеше чувство на конекција со сите нешта. Допирот, тој ги учи душите да дознаат дека се души.
Сите тие нешта избледуваат и, некогаш се навистина последни. Тажно е. Но некогаш и се повторуваат додека душите не се убедат дека се души и бидат спремни никогаш повеќе да не го заборават тоа. Тогаш живеат во спомените, во чувствата, во незаборавот. Да ги паметиш нештата е исто како да си заглавен во нив и, во нивната совршеност.
- Ти зарем заборави дека си душа? –Се слушна мојот последен обид да ја потсетам.
- Заборавот е благослов, поради него можеме да продолжиме да ги вкусуваме сите идни совршени нешта. –Ме надмудри.
И неретко душите остануваат души без да го знаат тоа. Допирот копнее за да се случи уште еднаш, а случувањата копнеат да исчезнат како појава. Можеби еден ден душите ќе почнат да паѓаат во вид на снегулки и со секое нивно топење ќе се појавува по еден заборав. Едно бледнеење, едно исчезнување.
For I’m telling you, the war that I fought
It was wrong
And we must die
It doesn’t matter much now anyway, tonight we unite ~Madrugada
.
Мигови назад, милји уште поназад, некаде врз времето во кое ништата си остануваат ништа, а ние престануваме со мисли за времето; чудата се случиле во само една мала цедалка за лимон. Порано или подоцна, не е воопшто битно како се чувствуваме.
-……….Тајната на третата планета, тајната на третата планета.. – во хистерична симфонија повторуваа. Тие убави суштества, тие заборавени постоења. Откорнати од своите сеќавања. Додека ние астронаутите допатувани од третата планета планиравме нешто убиствено.
Во средината на постоењето се сепнуваш со мало помрднвање на главата и непоместениот вперен поглед во мене.
-……….Војна. – извикуваш.
-……….Војна. – извикувам.
Обајцата убиваме. Во чест на своите надежи виснати кон верувањата кои создаваат постоења. Ние веруваме, ние создаваме постоење. Како поенти закачени на излитено фармерско палто, кои носат потсетување секогаш кога студовите ќе застудат. Млад ноември, ние сме уште далеку од нас.
Сѐ се случува во мала мисла. Поголемата убива. Поголемата отрезнува.
-……….Тајните, тајните.. (молк). НЕ! (вресок). Астронаути убијци. – врева подигната како прашина од слетување на астронаутите кои носеа убиствени железни машини во рацете.
Астронаутите дејствуваа по директива на своите водители, кои мислеа дека втората планета е виновна. А водителите постоеја само во поентите создадени од верување и сето тоа завиткано во тајна чувана со векови.
Јас, еден од астронаутите, се сепнувам со мало помрднување на главата и непоместениот вперен поглед во тебе.
-……….Војна. – извикувам.
-……….Војна. – извикуваш.
Обајцата убиваме, јас тебе, ти мене.
Другите астронаути продолжија да убиваат сѐ што е живо на втората планета. А само ние ја дознавме тајната чувана со векови. Ние кои се убивме еден друг бидејќи не можевме со зборови да кажеме „извини“. Порано или подоцна, не е воопшто битно како се чувствуваме.
Yo ho ho, the wind blows free, Oh, for the life on the rolling sea! ~The Brothers Four
.
Обидувањата биле бесконечни. А бесконечноста била составена од обиди, сигурен сум. Сите се обидуваат да го допрат врвот на решетките, но тој секогаш завршува со бесвест и блага матнина пред очите, а потем и во нив. Врвовите некогаш и носат слободи, но само на избраните, т.е. на оние кои се родени слободни. Ние затворениците не смееме да мислиме на тоа, “ние сме во голем, скоро бесконечно голем затвор“ -што би рекол Берфилд, мојот пријател со кој ја делиме ќелијата. Некогаш јас земав поголем дел, некогаш тој. Не го забележувавме тоа, па нели, бевме пријатели!
Во бесконечно големиот затвор воопшто нема страв, но копнеж за бегство секогаш имало, всушност токму таа појава нѐ потсетува дека сме во затвор, инаку би заборавиле. Па тој е бесконечен. Всушност, скоро бесконечен. Јас бев инаков, како да не бев тука, всушност – јас имав страв. Можеби е необично, но јас секој втор ден се будев со помисла дека ме затвориле, а не го сакав тоа. Сонот беше ме нацртал во некаков затвор со некакви изгребани ѕидови кои плачат од својата изгребаност. Како капки роса врз пајакова мрежа во пролетно утро, така ѕидовите беа искапани, а капките наредени долж изгребаноста. Кога го раскажував сонот на мојот пријател Берфилд тој секогаш се смееше, “како можеш да се плашиш дека ќе те затворат кога си роден во затворот?“ – ќе речеше. А јас замолкнував, како да се присетував на некаков црнечки блуз кој звучи кон слободата во бесплатното живеење, т.е. живеењето без обврски. Но тоа е сепак нечовечки, ќе си помислев. Ако човекот не си зададе обрски, ќе почне да размислува за самоубиство, тоа е програмот во кој живееме, како затвор во кој градиме друг затвор – си создаваме обрските. Ох, моите затворски мисли, пак ја гребат тишината во пет часот наутро. Но тоа се сепак само мисли – како што и Берфилд замислуваше да рече.
Еднаш заедно со Берфилд почнавме да работиме. Не дека сакавме со љубов, туку сакавме заради пари. Тие две сакања имаат основна разлика, но многумина не ја глледаат, а можеби и сите, не знам. Така излеговме од затворот, беше чудно, но излеговме. Купивме куќи една до друга, со големи зелени дворови одвоени со ниски дрвени тараби, а во нив по еден базен. Тоа беше фино. А и како замисла сосема доволно ми беше. Како да ми е сеедно? -се подзамислував прилегнат на дворната лулашка во неколку летни вечернини. Сонот започна пак да се појавува, сонувам дека сум во затвор каде обидувањата се бесконечни, или бесконечноста е составена од обидувања. Каде врвот на решетките ти создава бесвест и мала матнина пред очите, а потем и во нив. Берфилд се загрижуваше овој пат, ми велеше дека нештата не се во ред со мене. Мене пак ме загрижуваше дека можби јас не сум во ред со нив. Одлучив да не работам. Ја продадов куќата сосе дворот и базенот, сосе дворната лулашка и затворските мисли оставени врз неа. Се вратив во затворот и сонот го снема.
Ќелијата ја делевме со Јашимир. Понекогаш тој земаше поголем дел, некогаш јас. Не го забележувавме тоа, па нели, пријатели биднавме! Слободата и умот секогаш биле во близина, дали делеле ќелија или биле пријатели, тоа воопшто не го знам. Но сепак, биле блиски. Тоа го знаат и другите затвореници, но многу почесто го забораваат, па затоа обидите траат бесконечно. А бесконечноста секогаш е создадена од обиди.
And I know if she had me back again well I would never make her sad. I’ve gotta heart full of soul.
~ The Yardbirds
.
Утрина, мрак, квечернина или само умор од распознавање на измешаните неколку бои; не знам. Сигурен сум само за постоењето на една црвена кошула.
- Сроднина, во тажните делови од својата повредена половина, се наполнила со душа. Чека да се роди! – викот отаде прозорецот, ја понесе завесата со себе.
- Уште малку. – додадов тивко и, патем со замижен поглед се свртев кон девојката со тажни очи, а радосна насмеаност на лицето. Ја сакав таа комбинација, ми изгледа како сродна.
Не знам по кој пат се случуваше да не можам да распознам правец на дојдениот глас. Долго време се двоумев дали девојката е отаде прозорецот или само до него. Не можев да се присетам ниту на која страна се свртев кога дојде гласот.
- Се возбудуваат сите зрна прашина во просторот меѓу двајцата со иста сроднина. Тие чекорат, просторот се смалува. Сроднината одбројува секунди пред да се роди. – читаше девојката со тажни очи, а радосна насмеаност на лицето.
- Ах… – се присетив што се случува, па таа читаше поезија. Или поетика? Пак се задумав.
Сепак, почнав полека да ја (с)фаќам сликата. Ја видов и чашата до мене и, се присетив на сроднината што ја удавив во неа. Но, чија беше?
Во следната секунда се случи блесок врз моите зеници. Помислив само на сонот со аквариумските рипки залутани во плитка река и јас во него, загледан во нив. Тоа е сонот кој го сонувам само кога сум среќен, или во претчуство дека ќе се случи нешто убаво.
- Сроднината се роди, таа плаче од љубов, таа вика од радост. Таа замолчува во топлина. – прочита девојката со тажни очи, а радосна насмеаност на лицето.
А блесокот сѐ уште патуваше низ мене. Ја препознав тишината, таа единствено се појавува кога нечии прегратки се спојуваат. Прозорецот повторно ја понесе завесата, но овој пат се свртев со полуотворени тажни очи, а радосна насмеаност на лицето.
“I hope some day you’ll join us, and the world will be as one”.
.
…
.
Краевите на летата никогаш не биле флуросцентни, дури ни во годините пред да се родам. Тие мачни краеви се чудата за кои не знаеш дали си ги помислил, или само си ги сонувал, а уште повеќе не знаеш дали биле реални, или сѐ уште се. Во стаклениот мост во Unelma држев приказна со двете раце. Никој не знаеше што да правам со неа, освен најмилиот глас на светот, или на светот на бајките, сеедно.
- Држам приказна видена во стаклениот мост и ја понесов со мене. – реков.
- Отвори ги рацете, ако излета веројатно не била за нас. – рече најмилиот глас на светот, или на светот на бајките, сеедно.
Тоа е страшно ризично, морав да се подумам малку. Но не, веднаш ги отворив. Приказната не излета, но не беше ни за нас. Од неа се надѕираа флуросцентни имиња на милиони приказни испишани врз нечии лица, навлезени во кожите како суводолници кои во дождливи денови умеат сѐ да понесат со себе. Едната која не беше испишана, паѓаше од црното небо точно над мене и токму во форма на падобран.
Флуросцениот падобран се движеше кон мојата улица, се управуваше некако со рацете, како месечината и земјата да ги заменија гравитациите, барем само за таа вечер. Се фатив себе си во афект. Возбудата стана флуресцентна и полета кон падобранот, ја видов како стаклена сина врвка исполнета со гласови. Шепотливи, ноќни. Десно од мене за прв пат ја забележав насмеаната девојка со немирни трепки, зборуваше и довикуваше кон падобранецот. Забележав дека насмејаноста ми го обоила лицето.
- Сепак за нас била. – се протегна најмилиот глас на светот, или на светот на бајките, сеедно.
Тука стоеше времето, а просторот се движеше. Додека застанатите мисли сепак никој не можеше да ги откочи. Се доближуваше, и веќе стана непобитен фактот дека ќе слета на мојата улица, единствено не знаев дека падобранецот може толку многу да наликува на неа – онаа со најмилиот глас на светот, или на светот на бајките, сеедно.
Флуросцентниот падобран ја зададе плавоста на базенот отаде улицата, а мигот потоа и падна во базенот. Трчајќи кон него, ја сетив флуросцентноста врз мене. Се сепнав и ги отворив очите а до мене сѐ уште беше девојката со разиграни трепки, но овој пат сонливо разиграни. Врз мене го сетив постелано долгото врнежливо утро.
.
__________________________________________
CJ Catalizer – Memoirs Of The Future >
__________________________________________
update: Расказот e избран на конкурс на студенско списание „Излез“
“let’s build that hole up in the sky” -Patrick Watson
.
Да дишиш меѓу линиите, е единствен излез од овде. Земјата во која сум запретан до вратот има длабоко чувство за ладнина и, површно за топлина. Можев да те отпатувам таму со мене, јас често патувам кон идните можности, а понекогаш тие стануваат дел од мојата минатост и се мешаат со случените нешта, па се наоѓам среде чудо кога ќе добијам потреба да ги издвојам едни од други.
Дишењето меѓу линиите е единствен излез, ќе си помислам за кратко, пред да се сепнам помислувајќи дека ова овде е всушност она „секаде“ и секој излез води токму овде. Па и не би биле баш потребни излезите, нели?
Ти си секогаш пред мене, запретана до вратот во истата земја како и јас. Секој ден се гледавме во лицата и зборувавме за тоа како касабата дишеше под калдрмите, и патем за повеќе дишења, а неретко и ќе го спомневме дишењето меѓу нас. Понекогаш сонуваме дека следното утро, во мигот на будењето, некако магично ќе се најдеме себеси ослободени од земјава која Фројд ја викаше некако, лошо. После таквите соништа широко насмеани ќе се погледневме во презадвижените лица од радост, а кога ќе ја сетевме запретаноста, пак ќе ги сведневме главите удолу. Ваквото сонување беше толку убаво што мораше да се повторува секое утро, а нам не ни остануваше многу, освен дишењето меѓу линиите.
Каде што лежев зад грбот имаше цела празнина. Како долина, како длабока океанска тишина. Се вртев, шепотев, вознемирено гледав во кофчегот. Морав да прашам за одмаздените булки. По којзнае кој пат.
* *
[предходно]
Го оставија и заминаа. Тоа го направија порано од што очекував. Тој букет беше розов, а мрачен. Тој всушност беше одмазда оти се договоривме да се одмаздуваме – со булки. Го помирисав и го почувствував жешкиот шамар на носталгијата.
* *
[предходно]
Се држевме за рака и застанато гледавме поле со розови булки. Никогаш предходно не видено. Легенда беше дека стануваат розови кога нечија заедника љубов ќе допре до нив. Чудно, ние воопшто знаевме дека се сакаме.
* *
[Предходно]
Ја видов од далеку, гледаше во нејзината другарка и не можеше да го избегне растегнувањето на својата насмевка. Нешто ја тераше на тоа. Јас, не можев да дознам точно што.
Доживувања. Отсекогаш биле совршено долги нешта кои имале искривени кратки реални интервали.
Џојс доживуваше жалост секој ден, стоејќи на гробот на својата жена и изговарајќи ги истите зборови: „Зар не знаеше љубовта колку е љубовна?“. Потоа заминуваше со кревки чекори кон својот живот. Својот, мал живот.
Еднаш, заборавено трошејќи го погледот кон надгробната плоча, забележа дека разликата меѓу двете бројки кои беа изгравирани на неа, беше само 2 години. А бројките ставени на такви места секогаш ги означуваат оние две години – на раѓање и на умирање. „Како можеше разликата да биде само две години?“ – Во главата на Џојс стоеше само оваа мисла, скоро во истиот стил како што и тој стоеше пред надгробната плоча.
Се сети, случајно му дојде одговорот, како идеја на гениј која треба да го промени светот. Па тие бројки беа годините кога Џојс и жена му стапија во брак и кога бракот се прекина. Сепак следниот дел од одговорот беше почуден – имено, жена му и не е умрена. Гробот ѝ го направи тој кога таа си замина, па тој се убеди дека е умрена и со годините тоа стана вистина за него. Можеби за посилно да ја доживее жалоста, или можеби за побезболно да исчезне истата, убивајќи си ја надежта за некоја шанса за назад. Којзнае.
Доживувања. За Џојс тие долго време беа совршено долги нешта со совршено долги реални интервали.
-Порано се имаше усул, сега не, па и вистината нема вредност. Затоа пропаднавме драга. Затоа црвените линии ни одбројуваат секунди до супернова. Секако, освен ако ти мислиш поинаку.
-Дишењата ни се гледаат, човек не може да гледа преку нив, нели? Тие се како густи дебели линии што се движат во просторот околу нашите усни и, потоа исчезнуваат. Се чинеше дека одбројуваат нешто. Да, мислам дека тие се црвените линии за кои зборуваш. – Таа издишуваше непрестајно. А црвените линии беа при крај со одбројувањето.
По дваесет и три минути линиите се стопираа, двете дишења престанаа да постојат. Липите мирисаа, а луѓето зборуваа нешто чудно, примамливо за разбирање, но сè уште неразбирливо.
* *
Пред 2 дена
„Денес сите сме среќни, мојата куќа го ужива погледот кон мене. Таа го чувствува мојот поглед, го стаписува мојот звук, го трепери мојот допир. Ние го чуваме нашиот воздух, помеѓу мене и неа, бидејќи таму е вечноста на сите наши желби и копнежи.“ – Џојс го заврши аудио записот и среќен замина кон насмевката што ќе започне поради неговото присуство.
* *
После еден ден и 11 ипол часа
-Три и четириесет и два – си припомна погледнувајќи во градскиот часовник висок само пет метри. Црн, со бели бројки. – Малиниа! – извика кога ја виде. Но нештата му го стресоа погледот, звукот запре. Инертноста се движеше со најголема брзина.
-Тука си – насмевката на Малиниа го исполни ветувањето: – се насмеа. Но нејзиното дишење беше видливо и личеше на црвени линии кои одбројуваат.
* *
После 23 минути
Некој случаен минувач рече дека двете вистини нарекувајќи се себе си Малиниа и Џојс, престанале да дишат бидејќи некакви црвени линии го завршиле своето одбројување. Некој друг, во брзина и шепотливост додаде дека на светот не му се потребни вистини. Патем замина во брз ôд и невидливо дишење, кое веројатно исто така беше брзо.
.
________________________________________________
David Arnold - All The Time >
“What was done to me, created me.”
~ V for Vendetta (филм)
…….
.
Денешните минути за утрешниот ден менуваат многу. Понекогаш менуваат улици и улични знаци, некогаш само зборови, но некогаш дури и луѓе. За езерото тоа не значеше ништо, оти никој не можеше да го смени неговиот крај, единствено затоа што денешните минути не беа доволни за тоа.
Такер беше психолог. Но и јасновидец, она што тој ќе го видеше за утрешниот ден можеше да не се случи единствено кога тој или некој друг ќе реши да го смени, предходно знаејќи што ќе се случи, или барем ќе се случело ако не го сменил. Всушност, кој би знаел дали ќе се случело? Такер само веруваше, врз основа на тоа што знаеше за несменетите случувања.
Еден чуден ден кога немаше сонце, но имаше сончеви зраци од зад облакот, во куќата на Такер дојде Ревин – човекот кој во некој утрешен ден требаше да измисли технологија која ќе ги мери вредностите на нештата. Тоа беше единственото што му недостасуваше на народот, сите информации за нештата беа лесно достапни, но никој не ја знаеше нивната вредност, таа можеше да биде вистинска и лажна, па дури и критериумите можеа да бидат вистински и лажни, а никој да не го забележи тоа. Технологија за мерење на вредностите би било вистинска магија. На Такер по оваа сознание му светна погледот, додека фацијалните мускули стегаа мал насмев и често ја менуваа интонацијата при тоа.
- Мислам дека ако пролетта имаше некаков парфем, тој најверојатно би бил направен од липа. – Ревин се сместуваше во удобната гостинска фотеља, покажувајќи чувство за поетика.
- Секако. Освен можеби понекогаш пред дожд, кога ќе го замени со онаа миризлива трева, – рече Такер. – Но некако имам чувство дека нешто друго сакаш да зборуваме. – Додаде отпосле.
- Па, ова.. всушност пред некоја година за последна волја на вистината, вистините снемаа волја и ги покри блага депресија. Сите вистински нешта оттогаш престанаа да бидат вистински и почнаа да биднуваат субјективни. Единствено нејзините очи сѐ уште не престанаа да светат со топлина и да ги полнат моите мисли.
- Но, тоа нели е својството на отворените умови, да го дозволат постоењето на повеќе вистини и повеќе реалности.
- Ми изгледа дека за љубовта не постои отворен ум.
- Веројатно мора да одбереш едно од тие две. – Промрчи Такер, гледајќи преку прозорецот, кон езерото.
- Да но.. да се вклучам во нешто што не е мое, секогаш ми изгледало како претежок камен за подигање. Можеби затоа што погрешната страна на светот секогаш била од кај мене. А што можам јас, сам, освен да изградам друг свет?
- Сите некогаш изградивме други светови, ете го мојот, овде, на крајот на езерото. Всушност секој брег е крајот, езерово нема почеток, има само краеви. - Се насмеа Такер. А требаше само да рече „не е баш тешко да се вклучиш во постоечкиот“ и Ревин ќе по една година ќе станеше славниот пронаоѓач на ниверзалното мерилно на вредности.
Тоа беше моќта на Такер, тој ги менуваше иднините на луѓето по своја волја. Со последниот одговор, на Ревин му ја смени славната иднина каде што тој ќе го создадеше мерачот на вредности за да ја врати волјата и вистинитоста на вистините. Ревин по една година изгради куќа од другиот крај на езерото, имаше друг свет и нови очи покрај себе кои му ги полнеа мислите со топлина. Идејата за мерачот на вредности никогаш не се роди.
Денешните минути за утрешниот ден менуваат многу. Понекогаш менуваат соништа и топлина во мислите, некогаш само зборови, но некогаш дури и светови. За езерото тоа не значеше ништо, оти никој не можеше да го смени неговиот крај. Крајот му беше распослан насегаде низ брегот. А за почетоците сѐ уште ништо не се говореше ниту постоеше идеја.
.
__________________________________
DAVE KELLY – Leaving >
Премногу моќен за да знам, премногу задишан за да издишам. Сите езера го продаваат својот писателски потпис, брановите ги зокружуваат дваесет и трите години и моето име. Премногу збунет за да прашам, премногу мртов за да трепнам.
-Во налет на синестезија, го прелетувам брегот на суводолната празнина, да покажам дека денес сите поети се разбрани.
А во торбата на овој ден заспиено молчат сите наши правдини. Премногу моќни за да знаат, премногу збунети за да прашаат, премногу задоцнети за да се разбудат.
Поетични блогерски мисли од најдобрите постови на блогерајот:
Кога сонувачот ќе биде протеран од земјата на соништата, тогаш тој избледува во една обична воздишка во нечии очи.. (С.Ц.)
__________________________
Љуби ме додека сонувам,
сонувај дека те љубам.
Можеби некогаш ќе ставиме точка
под прашалниците.. (Искрата )
__________________________
Има нешта што не можеш да ги постигнеш со љубов. Нив им е потребна безусловна љубов.... (seelenluft)
__________________________
Виреевме токму на средината од скалите кои доаѓаат од никаде и одат никаде! (С.Ц.)
__________________________
Те сакам наутро....
Ме љубиш навечер....
Ќе се побараме ли некогаш?
Кој го закопа пладнето? (С.Ц.)
__________________________
Светот го изгуби овој средовечен човек како писател, но тој самиот го пронајде писателот во себе.. (Harry Haller)
__________________________
Кога бајките привршуваат, гулабот останува само со својата слобода. Попусто. Слободата е едно големо колаче, со вкус на хартија.... (С.Ц.)
__________________________
Сите ние имаме недопишани страници во животот... Тие не тераат да пишуваме. (Литера)
__________________________
Те побарав среде никаде, во ниедно време и сфатив - ти си секогаш со мене.... (С.Ц.)
__________________________
Кога ќе почнеш да се откажуваш од плановите поради дожд, значи дека си остарел! (Луда Глава)
__________________________
Без апарат за спознание, читањето е залудна работа..... (Роберто Беличанец)
__________________________
Можеби најсоодветно би било кога би советувал дека за да се биде среќен мора да се сака. Да се сака светот околу себе. Можеби навистина, клучниот збор е љубов. (Darko Buntewski)
__________________________
Го мразам универзумот што ми даде да те вкусам, што те донесе ко студено ветре во мојот спарен живот, а потем те однесе, ко топлина во зимска ноќ.... (С.Ц.)
__________________________
Кога бран на радост
ќе го заплисне твојот немир:
тоа се само
изгубени души што се допреле
и го нашле својот мир. (stojna)
__________________________
Ако повторно те гушнам и притоа не ја почуствувам сета радост на овој свет, подобро и да не те гушкам.. (Оги синко)
__________________________
Природава постои за души да полетуваат
без да се соголуваат.. (inl000)
__________________________
Ако мојот крај е твој почеток
а, мојот почеток твојот крај
ајде да се сретнеме на средината на кружницата.
Таму каде што небата можат да ни објаснат
зошто толку долго сме сонувале. (Искрата)
__________________________
Во твоето небо со милион сонца
посакав да сум месечината.. (Или)
__________________________
Да знаев порано дека спомените слично на поштенските марки стануваат повредни со години тогаш нешто и ќе запишев.. (Ѕвер)
__________________________
Сакав секој нов ден, да е нов.
А стариот сон, да не е сон. (Анакин)
__________________________
Биди среќна, Вида.
Заради себе.
Онака како што сум јас заради тебе. (Agens)
__________________________
Те скрив во срце со отворено дно,
во кое не престана да паѓаш,
се подлабоко. (Б.)
__________________________
Меѓу тапетот и ѕидот,
е заглавено 100 грамско пакетче,
од нашите планови за иднина.. (Mони.ка)
__________________________
Затоа земи ме
понеси ме или
само запомни ме по љубовта ... (Гоцијаска)
__________________________
Ти секогаш мирисаш на Мај, а јас студам како Декември, но упорно ме топиш во дланка. (Мони.ка)
__________________________
Лебдиме. За да не нѐ допрат пајаците. Скалите се предолги за да ги исполнат нашите ветувања. (Амарија)
__________________________
Самоубиството е смртен грев велат верниците, природна човечка состојба е да даде отпор, а златната средина е вечен баланс и знак на отворен и широк ум. (Бунка)
__________________________
Се избањав во сопствениот безмилосен внатрешен простор. Ja допрев најдлабоката промена на свеста. (Teardrop)
__________________________
Ти молчиш.
Јас имам прашања.
Но знам дека се скриени во точката
на прашалникот. (Искрата)
__________________________
Сите мои постови, илјадници редови, мисли и зборови, сѐ беше за тебе.
Од срце исцедени... (Harry Haller)
__________________________
Тажните најубаво се смеат! (blueberry)
__________________________
Никој не успеал да создаде магија посилна од зборовите! (С.Ц.)
__________________________
Малкумина се оние што би ја продале душата на ѓаволот за непресушно канче со мастило. (Дарјан)
__________________________
Да крадеш од воздухот,
а да не го употребиш мудро е исто како да ограбиш човек без да имаш корист (Exitlove)
__________________________
Стоиме голи
ти плачеш јас се смеам
јас плачам ти се смееш
јас и ти плачеме и се смееме
лудо зарем не (?!) .....(T.C.)
__________________________
Кога сакам да пишувам долги песни,
секогаш почнувам да мислам
дека од обичен дожд сакам да направам
невреме. (kihuПотру)
__________________________
Не топи ме со колебливоста моја
не крши ме со колебливоста твоја
… та нели се сакаме… (Медено)
__________________________
Стана, ги спакува спомените во мал куфер и ги остави на буништето на времето. Немаше повеќе време. Ја отвори вратата од соништата и реши сам да влезе кај нив. (snowmen)
__________________________
Сите имаме избор - да веруваме во себе или не, да се лажеме и да оставиме другите да не лажат, да се изгубиме или пронајдеме некаде длабоко во своите чкртаници… (lucija)
__________________________
Ако утре Земјата побегне од прегратките на Сонцето
и сѐ неповратно потоне во неподвижно студенило,
со мразулци на трепките ќе го изгризам последниот здив,
гледајќи те. (С.Ц.)
__________________________
… кога сонот и јавето ќе се сретнат во поезијата … мора некој да умре … (Гоцајаска, во коментар)
__________________________
Сите мои мани ги гледаш како уметност на природата. (Сончоглетката)
__________________________
Сништата се распрскуваат како кристални чаши на стрелиште. Биди среќен што понекогаш, од стаклениот прав се пресоздава најубавиот лампион што вирее во оној агол од универзумот каде што постојано е Нова година. (С.Ц.)
__________________________
…вечната љубов се наоѓа само во книгите…….
затоа додека љубите, пишувајте, ќе остане вечна во прекрасните зборови на нашите редови. (Астростопер)
__________________________
Чувствата можат да ја сменат својата агрегатна состојба, присутноста не може! (Астростопер во кометнар)
__________________________
Пижамите се искинале
на деловите од мене,
што не сонуваат повеќе.(ckrtac)
__________________________
Не знаеја виножитата
дека ние сме им бои…
Не знаеја оти
токму затоа се свиткани.(ckrtac)
__________________________
Ако нешто научив тоа е дека не е битно какви се луѓето пред светот – битно е какви се пред тебе. (Пипо во коментар)
__________________________
Лудоста е доблест која му е позната само на лудакот! (Жана Џ.)
__________________________
Оваа стоножна илузија
лази долж телото
што секогаш
е зрело да капне
и да иструли. (ckrtac)
__________________________
Животот нѐ тера да делуваме со разум после срцето. (Жана Џ.)
__________________________
Да, точно е
незнаењето е благослов,
а јас сум само проколната
на живот без изненадувања… (mistressofsadness)
__________________________
..да ги фатам на дело
нашите заљубени срца
како заедно дишат
од зајдисонцето
на нашата младост. (Aleksandar)
__________________________
..Приказни кои се затвараат
како поминати животи.
Tи ги подарувам сите Потраги по загубеното време.. (baudelaire)
__________________________
Една воздишка за минатото
еден копнеж за иднината
минато кое толку прекрасно за да се заборави
иднина толку маглива за да се продолжи.. ([zEUs])
__________________________
Неговиот поглед, празен како пустина, завршуваше само два чекора зад него. (snowmen)
__________________________
Поетите умираат два пати:
првиот пат заради дланките кои треперат,
вториот пат заради недостаток од зборови. (baudelare)
__________________________
Премолчените вистини во мојата приказна
спијат без да сонуваат. (baudelare)
__________________________
Сладок е последниот пораз
во првата победа. (моронче)
__________________________
Ако заминам,
ќе остане ли некој да им дава
правец на твоите стапки
и да измислува тишина кога светот зуи,
за да заспиеш? (ckrtac)
__________________________
Таму водам љубов со некоја што има сѐ твое,
а е посиромашна за сѐ што си имала ти… (ckrtac)
__________________________
Кога сега помислувам на тие настани, сфаќам колку многу се смеев со неа, а сето друго и не беше од голема важност. (baudelare)
__________________________
Колу посилно сонцето свети, толку повеќе темнина открива. (dzam во коментар)
__________________________
Единствен начин да ја поднесам болката на животот е да ја осеќам цело време! (Марсовка)
__________________________
Почетокот не е секогаш почеток на нешто убаво, знам… но крајот е секогаш крај. (rambodve)
__________________________
Не се плаши од својот страв..зграби го…тоа е идејата на празниот простор, на белата хартија, на твојата иднина.
Тоа е твојата идеја. (zimski)
__________________________
Кога умира љубовта
остануваат прашалници без интерпункција
и затворени сништа. (baudelaire)
__________________________
Седнав на твоите букви интимност. Пропаднав. Исчезнав. Како дамка, истриена од заборав. Како восок, стопена фантазија. (Atrum)
__________________________
Во пукнатините на калдрмите ти ја оставам огромната љубов потешка и од горчината на лелекот на мајка која си го погребува чедото. (wisdom)
__________________________
Безшумно се движам со наведната глава
не од срам, не од тага, не од пораз туку, за да свикнам да те гледам одозгора! (wisdom)
__________________________
Бесцелно e да си џин меѓу ситни билки.
Ќе нема начин да сфатиш колку си голем.
Бесцелно е да си Бог меѓу обични смртници.
Ќе нема начин да сфатат колку си голем. (Чкртачот)
__________________________
Вчера бевме соноловци заглавени на врвот на снежните планини.
Денес сме истрошени мигови вечност кои нема никогаш да се вратат. (baudelaire)
__________________________
Пред сите неба да паднат
во моите очи,
пред сите ѕвона и камбани да се стопат
таму на почеток -
пред заминување. (au-ra)
__________________________
Зборовите стануваат прескапи за да бидат изговорени, кога приказните се ближат до ситните ронки од ровка почва изронети. (С.Ц.)
__________________________
Во распнатоста помеѓу желбата за бесмртност и смртноста, човекот можеби парадоксално, сепак ја наоѓа својата смисла. (rogov)
__________________________
Додека цвеќето на терасата цветаше
И сонцето печеше по плочките
Две столици зјаеа празни, по цели денови.. (hofer)
__________________________
Те запознав во една ненапишана песна-
додека го барав потеклото на сонот и поентата на утрото. (baudelaire)
__________________________
Се чуствувам толку празно.. како хартија на која нема испишано ни еден збор. (девојчето со панделка)
__________________________
Сакам да шетам гола низ неговите мисли… низ неговите соништа… Сакам да му ја скокоткам фантазијата.. (mackica)
__________________________
Со текот на времето стана една од оние жени кои во одреден период од животот биле нечија официјална девојка, нечија неофицијална љубовница, нечија втора жена, нечија муза, ничија најголема љубов и нечие најголемо проклетство. (baudelaire)
__________________________
Сега веќе нема ни зборови.
Ги продадовме своите вистини на непознати луѓе.
Сега ни вселената не не собира двајцата.
Јас ти ја оставам мојата,
ти ги оставам нашите пријатели,
нашите предмети,
нашите фотографии. (baudelaire)
__________________________
Велат дека најсреќните луѓе немаат сеќавања. (baudelaire)
__________________________
Обиди,
Да прикриваш сенки
На изронета душа,
Каде боја попаднала
Во длабоките рани на мечтите. (smierna)
__________________________
Ако тоа што мислам значи дека постојам, тогаш кога чувствувам - живеам. (lediblu)
__________________________
Солзите. Нели се тоа солената крв на душата? (Чкртачот)
__________________________
Чекав седум години на прагот од сѐ што сме јас и ти и дочекав, да видам дека сѐ што си ти умрело во релјефот на твоите разбранувани сини очи. (lellyromanov)
__________________________
Кога се претопувам во црно-белиот простор посакувам да бидам црвена вазна која нема да биде само шематски приказ на пркос. (lullaby)
__________________________
Со тебе сакав залудност
како цртање снег,
и очигледна лага
како утеха пред смрт. (чкртач)
__________________________
If you hate me, hate will ruin you, not me. (Sunnie)
__________________________
Tоа што денот ми носи, ноќта ми одзема. (Ненад Јолдески)
__________________________
ТУЃОТО ЃУБРЕ Е НЕЧИЕ БОГАТСТВО! (Кец)
__________________________
И целиот тој блуз заробен внатре
Додека бледиве стапала
Се љубат со парчињата скршено стакло
На полето со бели маргаритки
Насликано од бивш шизофреничар... (Коцева)
__________________________
Летам спроти ветрот, итајќи кон тебе. Ако ми се стопат крилјата, ќе знам оти сум изгорел од твојата љубов.... (С.Ц.)
__________________________
Кога ќе ги убедиш зборовите
на искреност
напиши ги да ги видам. (Neli)
__________________________
Попатно ги сакам губитниците и нивната омраза кон победниците зошто само од тоа реално се јавува самосвеста. (Tanit)
__________________________
Лани не ти ја ни кажав својата желба – Да станам центар на универзумот, само за да престанам да се вртам …околу тебе. (ili)
__________________________
Го губам подот
Во лифт
Меѓу катови. (lontana)
__________________________
Дај ми минута
ќе ти дадам век.
И песок
во часовник
ќе бидам. (lontana)
__________________________
А ти си сега, само еден растроен талкач,
оној кој чека, и не верува во беда. (smierna)
__________________________
„Успеху, кој си на врвот на сечилото, прободи ме во слабините. Ќе биде тоа ужасно слатка болка.“ (bluebird )
__________________________
Првпат сум широка прегратка што задушува,
поглед што не распознава,
искреност што крвари зашто е чиста,
наивност што плаче зашто е детска… (чкртач)
__________________________
Солзите се пари.
Во живот на рати.
Спакуваните куфери – гробови на среќата. (Небула)
__________________________
Во светот на отуѓени и странци
продолжуваш да трагаш
по втората половина. (1979)
__________________________
Еднаш одамна заминав од реалноста
и заборавив да се вратам. (Exitlove)
__________________________
Некој ќе те остави заради лагите.
Некого ќе оставиш заради вистини. (baudelaire)
__________________________
Заминав од нивните прегратки, пред да се престорат во зандани. (Внукот)
__________________________
Во светот на отуѓени и странципродолжуваш да трагашпо втората половина. (1979)
__________________________
Паметејќи совршеност заглавуваш во неа. А душите, по допирот отелотворуваат и стануваат луѓе. (апостолка во коментар)
__________________________
Вистини многу а живот краток за да се разберат сите. (апостолка во коментар)
__________________________