На почетните страници на мојот живот, пишуваше: „Посветено на Неа!“


Мудар сон

Откако се отсонија соништата, луѓето сознаа дека реалноста е единствената рамнина на која ќе треба да живеат во иднина. Оттогаш тие станаа сосема празни, не можеа да замислат ништо повеќе од она што го гледаат како реалност. Нивната моќ за мудра имагинација, ја продадоа за куп задоволства, тоа беше единственото што им е потребно – задоволство! Ужасната штета од тоа ја сфаќаше само Инфил бидејќи тој беше единствениот кој никогаш не престана да сонува, не знаеше зошто, но соновите никогаш не се отсонија за него.

Луѓето му изгледаа како празни суштества кои имаа само една потреба – да бидат исполнети! Тоа беше всушност нивната зависност од други, тие ги користеа другите за свои потреби, односно за своја потреба. Но Инфил не само што умееше да го создаде сето она што му е потребно, туку и повеќе од тоа, па така имаше и за други, имаше за сите! Така беше сѐ до моментот кога тој го сони мудриот сон.

Толку е лесно да си опуштен и ладен, беспотребен. Сам на себе беспотребен. Зар е можно во тој момент некој да ти биде дел од мислите, па зар некој би бил важен тогаш кога ни на себе не си потребен. Не ја сакам, ниту ми е потребно да ѝ се објаснам.. Навистина, јас не ја сакам, ниту пак ми е потребно да ѝ се објаснам..

Сонот од кој никогаш не се разбуди, беше последната највисока филосовска еволуција на едно суштество која воедно можеше и да се нарече најниска, во зависност од тоа како би помислиле додека ја гледме чашата која е воедно и полупразна и полуполна. Некогаш размислувањето убива, наместо да донесе еволуција.. Пустото предозирање, пустата отсутност на контролата.. пустиот ти, пустите ние, сите сме во истата пустина, зарем не?.. И ако некој ми дошепне сега во овој вистински момент дека смртта е највисокиот степен на еволуцја и преминување во друга форма, тогаш без да зборувам, молчешкум со еден клик би го убил расказов! За мене инаку знаеме дека залудно ќе е, јас и онака не постојам.

.
____________________________________________________________________
Берлински Ѕид – Ноќен скитник >

Патот на соновите

Зар има кого да прашам
каде отпатуваа соновите
од нашето заедничко спиење..

Зар има зошто да те сакам сѐ уште
зар се потребни причини?
Зар не ми е доволна слободната волја?..

Ќе тагувам со секоја нова буква
со секој нов ден
со секоја замрена ноќ..

Тие нема да се вратат
нивната улица се распаѓа позади нив
тие никогаш не се враќаат.

Зар има кого да прашам
зар има некој што знае
како го изгубивме патот на нашите сонови..

__________________________________________
Placebo – In The Cold Light Of The >

Ај ти сонувај, а јас ќе спијам

Животот допира,
а некогаш и ги јаде допирите!
Не постои потреба да се лутиме.
Тој е убав, онолку колку што и не е!

Ај ти сега сонувај,
а јас само ќе спијам
оти јас будно сонував
додека ти будно спиеше!

Ај после ќе го убиеме сонот, заедно
и нема да сме виновни
оти само наш си е
а решивме себеси да не си судиме!

Зарем не сети дека станавме две мртви соништа
родени убивајќи го заедничкото виножито..
Постоиме само во гранче поезија
што славејот го понел во вечноста..

Не знаејќи дека таа не постои..

_________________________________________________________________
Mono – Follow The Map >
Placebo – Romeo And Juliet >

Зад крајот – нов почеток

Отсега
Ти ќе постоиш во буквите.
Јас во нотите..
Нашите животи ќе живеат
но не ќе дишат..

Нашиот идеален сон
ќе го чувам во уредни корици,
внимателно ќе ги листам страниците
другите ќе го читаат, јас ќе го чувствувам.

Нашиот идеален сон
ќе го чуваш во дирките на пијано
ќе го потпевнуваш во некој бакнеж
и само ти ќе ја знаеш мелодијата..

Отсега
Ти ќе постоиш во буквите.
Јас во нотите..
Нашите животи ќе живеат
но не ќе дишат..


____________________________________________________________________
Super700 – if love had no rules >

Нашата приказна

Кога почнувам да раскажувам за твојата – моја приказна, целиот свет престанува да биде свет. Во истиот момент застануваат песните кои така молчливо ги замрзнуваат и сликите. Се затоплува духот во мене концентрирајќи се на површината на рацете кои така бесшумно започнуваат да ја предаваат енергијата на буквите што ја цртаат твојата безгранична чистина, твојот фантастичен поглед кон празнината кој, чиниш ја полни со уште празнини.

Приказната ти ја измешав со мојата, така што зборував на глaс во исто време додека ти ја зборуваше твојата. Ги споив во една заедничка, поголема, поубава, помоќна. Симбиоза не залудно ми беше омилениот збор, таа ја донесе најубавата симфонија во нашите приказни кои предходно беа сами и завиткани во својот застојан воздух кој полека им го скратуваше секојдневието додека тие индиферентно набљудуваа.

Нашата приказна започна во едно бело утро додека силниот ветер ги претресуваше ролетните бидејќи тоа веројатно му беше рутинска вежба, а и тие беа навикнати на таквиот напор, па нивниот звук беше скоро хармонизиран. Јас, така наивен сонувач, се будев допирајќи ти ги трепките со моето пијано лице од минатата ноќ и ненадејно полека почнав да ја испуштам вербата дека тоа е реалност. Сѐ додека ти не се пробуди и не ме гушна толку силно што целата енергија ми се собра на површината на телото враќајќи ми ја вербата во магичните чуда на реалноста.

Започнав заедничка приказна тоа утро, која заедно ја исполнивме со нашите утешни празнини. Патем заспавме, така наивно испреплетени во заеднички сон.

____________________________________________________________________

Secret Garden – Dreamcatcher >